Украинците во земјава повторно на мирен протест – бараат затворање на воздушниот простор над Украина и прекин на инвазијата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со украински знамиња и транспаренти членовите на здружението Лесја Украинка го одржа и вториот мирен протест против воената инвазија на Русија врз Украина. Порачаа дека бараат под итно да се затвори воздушниот простор над Украина, но и укажаа на закани од нуклеарна опасност.

„Покрај руската агресија насочена кон уништување на украинското население и инфраструктурата, се јави нова грозна закана не само за Украина, туку и за целата Европа и пошироко. Со самата руска инвазија во Украина на удар е ставена и глобалната нуклеарна безбедност. Ние како Украинци во Република Северна Македонија јавно се обраќаме до Владата на Република Северна Македонија со апел за итна потреба од затворање на воздушниот простор над Украина што може да ја сопре ескалацијата“, истакна Олександар Урбанович.

Пораки за мир и за повлекување на Русите од Украина упатија и сите членови на здружението. Маријана Велковска која има украинско потекло вели дека е потребна помош на сите.

„Сакаме мир, за сите да има мир, не само во Украина. Затоа што војната што се води во Украина, не е поврзана само меѓу Украина и Русија туку има значење за цел свет, за цела Европа. Имам роднини таму но тие се готови да останат да се борат за својата држава, за слободата, потреба од помош имаат сите што се моментално таму“, посочи Маријана Велковска.

Меѓу присутните на протестот имаше и Македонци кои дошле да дадат поддршка. Тие истакнаа дека војната мора да запре бидејќи последиците од неа се чувствуваат секаде. На плоштадот каде се одржа мирниот протест учесниците носеа транспаренти но и фотографии од разурнати згради од воената интервенција на Русија.