Унгарски кредит – јануари стана февруари, сѐ шири списокот што се ќе се кредитира со 250 милиони евра

НАЈНОВИ ВЕСТИ

 Владата го проширува списокот за какви се инвестиции компаниите ќе можат да добијат пари од унгарскиот кредит. Ова во ексклузивна изјава за ТВ 21 го откри премиерот Христијан Мицкоски кој не прецизираше детали што покрај производство, административни објекти и трговски центри, дополнително ќе може да се кредитира со 250-те милиони евра од унгарскиот кредит. Наместо во јануари, како што тврдеше претходно, премиерот сега вели парите кај компаниите ќе стигнат од февруари.

„Има некои измени. Го проширивме рангот на компании кои што ќе можат да бидат корисници, да го користат истиот. На следната седница во вторник ќе помине договорот и веќе ќе може Македонската банка за обнова и развој да ги потпишува практично договорите со комерцијалните банки. И веќе од февруари компаниите ќе може да го користат“, вели Христијан Мицкоски.

Премиерот претходно уверуваше дека парите кај компаниите ќе стигнат на почетокот на јануари.

„Процесот е во финална фаза. Очекувам веќе после новогодишните празници банките да почнат, иако дел од банките и сега ги промовираат, но веќе да почнат и активно да пренесуваат дел од средствата до компаниите кои што ќе ги користат“, вели Христијан Мицкоски.

Со измените на законот за јавен долг во Собранието, се отвора законска можност парите да може да се префрлаат кај Развојната банка. Ќе оди преку  заем од буџетот на веќе обезбедени средства. Договорот за задолжување, на барање на Развојната банка  ќе го одобрува министерот за финансии по претходно донесена одлука на Владата.

Ако двата договори поминат на владина седницата во вторник, како што најави премиерот,потоа одат кај Развојната банка. Таа треба договорот во кој прецизно е се наведени условите да го достави до комерцијалните банки. Тие пак треба да го пратат на одобрување кај надзорните одбори, по што ќе може да почнат процедурите за аплицирање од страна на компаниите.

Инаку каматната стапка за парите од унгарскиот кредит за компаниите е 1,95 проценти, со тригодишен грејс период и отплата до 15 години. Максималниот износ е до 10 милиони евра, а компаниите ќе мора да обезбедат учество од 20 проценти.