Унгарски кредит за компании – најмногу аплицираа фирми од производството

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Големите банки веќе ги исцрпуваат лимитите од унгарските пари кои им се определени од Развојната банка за кредитирање на приватните компании. Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска вели дека иако секоја компанија може да конкурира за дел од овие 250 милиони евра, сепак во моментов најголем број што аплицираат се производствените фирми.

„Приоритет даваат на производство, но има и други заинтересирани компании во смисла имаше дел од трговија. Моја обврска и задача не е да прашувам за кои компании и кажавме дека тоа си е обврска на банките кои што во исто време го преземаат ризикот… Нашиот интерес беше како министерство за финансии да прашаме дали има интерес од страна на компаниите. Генерално дали имаме производни компании затоа што и самите знаете дека фокусот, пред се на Министерството за финансии приоритетот треба да се производните компании, тоа ни го потврдија дека е така…“, вели Гордана Димитриеска Кочоска.

Детални информации за кредитите треба да соопшти Развојната банка. Од Сојузот на стопански комори велат дека банките работеле на подготвување на апликации уште пред потпишувањето на официјалните документи и дека разговараат со потенцијални клиенти и дека веќе имаат одредени подготвени апликации во однос дали ќе бидат производни или трговски.

„Дефинирано е дека можат да аплицираат сите компании меѓутоа намената на ваквите кредити е генерално за трајни средства, значи основни средства, тоа се објекти, тоа се производни линии“,  вели ТРајан Ангелоски.

Условите за користење на унгарскиот кредит за компании се следни: Максимален износ на кредит до 10 милиони евра, каматна стапка од 1,95%, фиксна за целиот период на отплата, рок на враќање до 15 години и грејс период до три години пред започнување на отплатата. Фирмите имаат услов за сопствено учество и мора да обезбедат минимум 20% од вкупната инвестиција како сопствени средства. На пример, за проект од 10 милиони евра, компанијата треба да има 2 милиони евра, а кредитот ќе покрие до 8 милиони евра.