Има многу небезбедна храна во Македонија, и од јули лани до сега се откриени и уништени 300 тони, рече првиот човек на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов во емисијата „Бизнис 21“. Инспекторите наишле на запрепастувачки состојби, колку и каква небезбедна храна нудат дел од продавачите.
-Кондиторски производи, млечни производи, сувомеснати производи, преработена храна од месо термички или по употреба, станува збор за природни минерални води, мед, овошје, зеленчук. Највеќе неусогласености во однос на каква храна консумираат граѓаните е нерегистрирани оператори со храна, изјави директорот на АХВ, Оливер Миланов.
Сепак доколку граѓани се затрујат бидејќи јаделе небезбедна храна, не одговара Агенцијата. Таа е задолжена само за контрола. Одговорност ќе се бара само од продавачот. Никаде во светот нема 100% безбедна храна, тврди Миланов.
-Контролата за безбедноста на храната и каква храна консумираме е на Агенцијата на храна и ветеринарство, изјави директорот на АХВ, Оливер Миланов.
ТВ21: Значи вие ќе преземете одговорност доколку се случи пример масовно труење во некој ресторан или оператор со храна?
Миланов: Не, ние не преземаме одговорност, одговорноста ја презема операторот. А ние ја вршиме контролата за безбедноста на храната. Пак ќе кажам не можеме да бидеме сто посто секојдневно присутни и во моментот дека некаде ќе се консумира безбедна храна сто посто. Никаде во светот не постои
Анализата на Бизнис 21 покажа дека во последните 5 години се уништени 1.142 тони небезбедна храна.
Наскоро на трпезите на граѓаните може да се најде и храна од инсекти како брашно од ларви и скакулци. АХВ има регистрирано четири видови кои се на европската листа, но засега не се внесени во земјава.
