Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип најави целосна и неограничена соработка со Министерството за внатрешни работи и надлежното обвинителство за брзо и целосно расветлување на случајот со сомнежите за злоупотреба на електронскиот систем за оценки.
Станува збор за случај во кој постои сомнеж дека лице вработено на Универзитетот го злоупотребило електронскиот систем за евиденција на оценките, пренесува ТВ21.
Во реакцијата објавена по денешните полициски активности, Ректоратот на Универзитетот порачува дека има нулта толеранција за корупција и злоупотреби во академската заедница.
Од Универзитетот оценуваат дека истрагата и расветлувањето на ваквите случаи придонесуваат за создавање услови за поквалитетно, пообјективно и подобро образование.
„Сакаме да ја увериме академската заедница, пред сè нашите студенти, академскиот и административниот кадар, како и пошироката јавност, дека УГД останува посветен на основните академски вредности, чесноста и вистината и продолжува да биде проактивен во борбата против негативните појави“, се наведува во соопштението.
Од Универзитетот нагласуваат дека студентите и нивното образование остануваат во центарот на сите активности. Наставниот процес, академските обврски, научноистражувачката работа и соработката со реномирани европски универзитети, како што посочуваат, ќе продолжат да бидат приоритет.
Воедно, уверуваат дека остануваат посветени на транспарентноста, отвореноста и институционалниот интегритет.
„УГД нема да дозволи какво било сомневање да ја наруши работата и вредноста на дипломите на илјадници студенти и чесни вработени. Имаме нулта толеранција за каква било форма на корупција или злоупотреба на службената положба. Институционалниот интегритет и довербата на нашите студенти се пред сè“, порачуваат од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
