Зошто не се применува албанскиот јазик при испраќањето СМС-пораки во тестирањето на „Сејф сити“, го праша пратеникот Халил Снопче министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на денешната седница за пратенички прашања во Собранието.
„Господине Тошковски, сè уште не сум добил писмен одговор дали сте добиле некаква СМС-порака од премиерот Мицкоски за тоа зошто не се применува употребата на албанскиот јазик во СМС-пораките до граѓаните во ова тестирање на „Сејф сити“. Само првиот ден, според статистиките, околу 40 илјади граѓани Албанци во нашата држава добиле СМС-пораки исклучиво на македонски јазик, со што е прекршен Законот за употреба на јазиците, кој е законско и уставно право.“, рече Снопче.

Министерот Тошковски изјави дека секој акт што ќе произлезе од МВР ќе биде на јазикот утврден согласно Законот и Уставот.
„Зошто не кажете нешто и за турскиот јазик, барем еднаш да спомневте нешто, а јас ќе зборувам за Албанците и ќе одговорам на ова прашање. Согласно законот, сите акти што ќе произлезат од МВР ќе бидат во согласност со законот. Акти, господине Снопче, кога ќе дипломирате право ќе разговараме за тоа како се доставуваат актите и слично. Секој акт што ќе излезе во соодветна форма од МВР, без разлика на начинот на доставување, ќе биде доставен на јазикот утврден согласно Законот и Уставот.“, рече Тошковски.

Во своето обраќање за системот „Сејф сити“, опозицискиот пратеник Снопче го праша министерот и колку средства би се собрале во државниот буџет од досегашните тест-казни, но министерот одговори дека од почетокот на тестирањето на проектот е намален бројот на сообраќајни несреќи со смртни последици.
