Првпат во историјата на Македонија добивме раскин на колективен договор. Прв колективен договор кој го откажуваат Владата и МЗШВ, алармираа од УПОЗ. Постапката велат наликува на злосторничко здружување од Кривичниот законик.
„По барање на МЗШВ дадено на седница на Влада, Владата го задолжува Инспекторатот за труд да направи надзор на колективниот договор на МЗШВ. Инспекторат на труд не можејќи да најде ништо незаконско во одредбите на колективниот договор излегува надвор од неговите ингеренции и носи заклучокк дека постапката за склучување на колективниот договор е незаконска“, вели Трпе Деаноски.
По заклучокот на Инспекторатот следува предлог до Владата истиот да го раскине, а отказот го потпишува министерот Љупчо Николовски. Ова според УПОЗ е исмевање на колективните договори, омаловажување на вработените и показател да почнат да се откажуваат и другите колективните договори, да се намалуваат правата на работниците, додава Деаноски.
„Согласно законските одредби по отказот на колективниот договор истиот може да се применува уште шест месеци, а потоа неговите одредби повеќе нема да важат. Ова значи дека припадниците на шумската полиција кои земаат плата согласно овој колективен договор ќе земаат плата само уште шест месеци, а после Господ нека им на помош“, додава Трпе Деаноски.
Секретаријатот за законодавство им наредил вчера на МЗШВ дека платите на шумска полиција мора да бидат регулирани исклучиво со колективен договор и на ниту еден друг начин.
Во колективниот договор биле предвидени и јубилејни награди, заштита на вработените при најавената реорганизација во јавната администрација, но од ова сега не може ништо да биде реализирано.
УПОЗ најавува и кривични пријави за министерот Николовски заради неисполнување на права од колективниот договор.
Од МЗШВ немаме одговор дали ќе имаат средба со Синдикатот на УПОЗ.
