Уривањето на дивоградбата кај ТЦ Мавровка е една од првите работи на новата Влада предводена од Зоран Заев. Објектот е дивоградба и Владата ќе направи се тој да се урне , изјави Заев.
Но, кој е сопственикот на објектот што е дивоградба се уште не се знае, а ОЈО побарало дополнителни информации од надлежните власти.
„Побарани се дополнителни информации, податоци и документација од надлежните власти но Обвинителството се уште чека да ги добие побараните информации и извештаи.“, велат од ОЈО.
Општина Чаир известува дека на 3 септември ќе се знае дали се пријавил економски оператор за уривање на објектот. На третиот тендер е зголемена и цената на 2 милиони денари, и е без критериуми и ограничувања со цел да се привлече барем еден економски оператор за уривање на објектот.
Доколку повторно не се пријави ниту еден, тогаш во општина ќе се консултираат членовите на Комисијата за јавни набавки и ќе се одлучи за следните чекори.
Властите се уште не знаат кој е сопственикот на објектот, а на 23 јули беше донесена одлука за уривање на дивоградбата. Објектот се гради на местото на поранешното кафуле „Фонтана“ кое изгоре кон средината на мај.
