Владата се уште издвојува средства за изградба на болницата во Кичево, која почна да се гради во 1985 година и се уште не е завршена.
Во буџетот на Владата на Северна Македонија за 2023 година за овој проект се издвоени 60 милиони денари.
Според вицепремиерот Артан Груби, доцнењето на овој објект се случува поради грешки направени во проектирањето.
-Во врска со ова прашање, сега со промената на околностите, многу отворено кажувам со новите состојби, покрај трошокот од 6 милиони, замислете надзорникот и инвеститорот бараат дополнителни 3 милиони евра за да ја довршат болницата во Кичево, вели првиот вицепремиер, Артан Груби.
-Што би значело тоа, некој украл или што? Разбирате, 9 милиони?!
-Изведувачот има средства во буџетот да продолжи со работата и вели дека има грешки во проектирањето, особено во системот за вентилација, додава Груби.
Покрај граѓаните кои веќе ја загубија надежта, револт за доцнењето на работите на оваа болница изрази и градоначалникот Фатмир Дехари.
-Еве, од ова студио, кажувам, во мојот мандат веќе нема да пречекувам таму да се слика некој министер. Ќе го пречекам само министерот кој ќе ја пресече лентата за користењето на тој објект, рече Фатмир Дехари, градоначалник на Општина Кичево.
За овој објект неколку пати се издвојуваа средства, но поминаа речиси 3 децении а работите никако да завршат.
