Долги колони, блокирани улици и нервоза зад воланот. Вака се очекува да изгледа Тетово во текот на јули и август, кога градот традиционално се соочува со зголемен број иселеници кои доаѓаат во татковината, како и со почетокот на сезоната на свадби.
Иако ваквото сценарио се повторува секоја година, патната инфраструктура останува непроменета, што повторно отвора прашања за справувањето со сообраќајниот метеж. Од Секторот за внатрешни работи Тетово најавуваат засилено полициско присуство и уверуваат дека годинава речиси на секоја крстосница ќе има полициски службеници со цел да се спречи непрописното паркирање.
„Предвидено е на секоја крстосница да има полициски службеници, како и на други критични точки, за да се спречи двојното паркирање и блокирањето на крстосниците, со цел да се овозможи непречен сообраќај. Во функција ќе биде ставено и пајак-возилото кое ќе ги отстранува автомобилите што го попречуваат движењето. Дополнително ќе бидат ангажирани и полициски инспектори кои ќе преземаат мерки и за евентуални кривични дела“, изјави Фатмир Реџепи – портпарол на СВР Тетово.
Додека полицијата најавува казни и засилени контроли, локалната власт решението го гледа кај самите граѓани. Градоначалникот на Тетово, Билал Касами, ги повика жителите во овој период да ги остават своите автомобили и да го користат јавниот превоз. Воедно, најави дека на наредната седница на Советот ќе се разгледуваат предлози за воведување нови еднонасочни улици.
„Тетово веќе има бесплатен јавен превоз и затоа ги повикувам сите жители во овој период да не ги користат автомобилите за движење низ градот, туку да го користат јавниот превоз. Исто така, на следната седница на Советот ќе се разгледуваат решенија за повеќе улици да станат еднонасочни, што ќе придонесе за полесно одвивање на сообраќајот“, рече Билал Касами – градоначалник на Општина Тетово.
Како привремено решение, Општината одлучи дворовите на неколку основни училишта да се користат како бесплатни паркинг-простори. Сепак, голем дел од граѓаните сметаат дека станува збор само за краткорочни мерки кои не го решаваат суштинскиот проблем. Според нив, лошите навики при паркирањето и недостигот на долгорочна стратегија ќе придонесат Тетово и ова лето да се соочува со сериозен сообраќаен хаос.
