Уште малку во пензија, а државјанство нема – државата смета дека 61-годишниот Фадиљ Цури е опасен за безбедноста

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Фадиљ Цури е роден во 1959 во село во Косово, кое се наоѓа само 23км од Скопје. Само неколку месеци по раѓањето, неговото семејство се преселило во Скопје во потрага за подобар живот. Цури е оженет и има четири деца, сите имаат државјанство, освен него. Основно, средно и високо образование завршил во Скопје, но поради немање државјанство, не можел да работи во Македонија, па затоа бил принуден да бара работа во Елез Хан, Косово, како наставник по албански јазик и книжевност.

„Сега имам над 61 година. Повеќе од 60 години Скопје го сметам за моја татковина, иако не сум роден тука. Детството, младоста и сите животни искуства ги имам поминато во Скопје“, истакна Фадиљ Цури.

Цури објаснува дека краток временски период поседувал државјанство, но во времето кога бил студент побарал книги од Албанија, поради што бил повикан во полиција и му било одземено државјанството.

„Кога бев млад имав државјанство, но во 1980 заминав во Косово и поради преселувањето… Во тоа време јас бев студент и требаше да учам за книжевноста, му пишав на Министерството за образование на Албанија околу новите книги кои се издаваа таму, било албански или светски. Ми испратија две книги, но по само две недели ми испратија и покана за разговор во полиција… Бев принуден да се преселам во Косово“, посочи Фадиљ Цури.

Пред 10 години, Цури побарал повторно да му биде признаено државјанството или да му биде вратен статусот – државјанин на Македонија, но добил негативен одговор со образложение дека е опасен за безбедноста на државата.

„Моето мислење е дека сега во Северна Македонија има нови закони, но безбедноста во Македонија сѐ уште е со старите комунистички југословенски светогледи. Не е проблем за мене, бидејќи јас речиси го поминав животот. Меѓутоа, има уште илјадници други во Македонија кои ја делат мојата мака“, додава Фадиљ Цури.

Меѓу другото, Цури раскажува какви потешкотии носи немањето државјанство.

„Имав многу пречки, бидејќи требаше да дојдам дома и да барам дозвола да престојувам во својот дом. Кога почина мајка ми, бев принуден да дојдам илегално, да ја погребам и да си заминам пак“, вели Фадиљ Цури.

Цури веќе не се обидувам да добие државјанство, бидејќи, како што вели, се разочарал од државниот систем, а во моментов има статус на странски државјанин во Македонија. Податоците на МВР велат дека без државјанство има околу илјада луѓе, додека албанската опозиција тврди дека над 60 илјади Албанци не поседуваат државјанство, поради што во Собрание предложија законски измени, со цел да се изнајде решение за ваквите случаи.