Уште тројца наставници позитивни на Ковид-19, родителите прашуваат: Зошто децата не се во изолација?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

 

Уште три позитивни случаи на коронавирус меѓу просветните работници. Станува збор за двајца наставници од општина Карпош и еден од Центар. Но, иако одржувале настава со физичко присуство, сепак учениците не биле испратени во изолација, бидејќи како што велат од општините, за време на наставата се запазени сите антиковид протоколи.

Родител, чие дете учи во ОУ „Димитар Миладинов“, прашува – зошто децата не се во изолација? 

Вели дека децата в четврток и петок имале час со наставникот, кој пак в недела излегол позитивен на коронавирус. Се жали дека во текот на епидемиолошката анкета од страна на Центарот на јавно здравје, не била прашана ниту таа, ниту пак другите родители. 

Но, првиот човек на Центар, Саша Богдановиќ, вели дека кога се прави епидемиолошка анкета не се прашуваат сите родители, туку Советите на родители на одредено училиште. Во однос на тоа зошто часот по физичко е одржан на затворено и зошто еден наставник држел час на повеќе паралелки, Богдановиќ со одговор дека по нашиот прилог ќе го истражат случајот и ќе донесат одлука

Контактиравме и со ЦЈЗ. Директорот Александар Стојанов, не сакаше да се произнесе околу тоа како се реализира епидемиолошката анкета во училишта и дали родителите и учениците биле прашани за случајов. Тој нѐ упати кај шефот на Секторот за епидемиологија, но тој беше недостапен.

Од Министерството за образование и наука, информираат дека 7 ученици и 10 наставници кои држеле настава со физичко присуство се најновите заразени. Од отворањето на училиштата, вкупно има 42 активни случаи на Ковид-19 кај учениците и 65 кај наставници. Од нив, 29 ученици се од основно образование, а 13 од средно, додека 47 наставници се од основно, а 18 од средно образование.