Најуспешна летна сезона во Охрид и Струга. Ова беше кажано на средбата на министерот за економија Крешник Бектеши со угостителите од Охрид и Струга.
Споредено со минатите години, годинава има зголемување за 40% на бројот на туристи кои ги посетиле овие два туристички града.
Министерот за економија Крешник Бектеши на средба со угостителите најави дека од 1 јануари наредната година повторно ќе им пружи помош на угостителите од Охрид и Струга за подобрување на услугите и зголемување на инвестициите во нови хотелски капацитети.
-Само во првиот дел од оваа година имаме пораст од над 40% на странски туристи во однос на претходната година и врз основа на индиции и прелиминарни податоци овој тренд на раст ќе продолжи и во текот на следните месеци и токму врз основа на овие податоци и во зголемен интерес за посета на РСМ, и Министерството за економија денеска слушна конкретни предлози и даде предлози кои доаѓаат од секторот за директната помош што ќе ја понудиме-вели Бектеши.
Претседателот на ХОТАМ Крсте Блажески рече дека се задоволни од летната сезона, но повторно го потенцираше проблемот со кој се соочуваат угостителите во овие два града, а тоа е недостигот на кадар, за што побараа помош од Министерството за економија.
Капацитетите за месеците септември и октомври се веќе резервирани онлајн и речиси полни, велат угостителите.
