Уставен суд очекува државата да се заложи да се надмине сериозната ситуација во која се наоѓа за да може да функционира. Ова произлегува до блокадата во Собранието за избор на нови судии. Доколку до декември не се изберат нови судии Уставниот суд ќе биде дефинитивно блокиран и ќе биде прогласена Уставна криза. Предупредувањето го испрати претседателката на Судот, Добрила Кацарска, по средбата со Пендаровски, Ковачевски и Џафери.
„Состојбата во Уставниот суд е сериозна. Четворица судии помалку од што е предвидено. На секоја седница има еден до два предмети кои не добиваат мнозинство и се одолговлекуваат за неизвесен период. Оваа состојба трае повеќе од шест месеци, а Уставниот суд точно една година е без третина од судиите. Со секој поминат ден граѓаните трпат штети, бидејќи иницијативи и предмети се одложуваат“, истакна Добрила Кацарска.
Од Собранието на Северна Македонија информираат дека претседателката побарала поддршка од Претседателот на државата, Премиерот и Претседателот на Собранието за за воведување институцијата уставна тужба со која би се отворила можност граѓаните да стигнат побрзо до очекуваната правда без да ја бараат истата од меѓународните судови.
„Претседателот Џафери секогаш давал поддршка за независноста на судската власт. За жал со сета негова добра волја постапката за избор на нови судии е заглавена во Комисијата за избор и именувања и единствено што може е да апелира до колегите да се донесуваат државнички и да овозможат нормално функционирање во интерес на граѓаните“, посочуваат од Собранието.
Кацарска рече дека нема намера неформално да се среќава со политички партии за да разговара на оваа тема.
