Уставниот суд за првпат во својата практика го известил Јавното обвинителство и Судскиот совет за судија кој не извршил негова конечна одлука. Станува збор за судија од Основниот граѓански суд Скопје, кој постапувал по предметот на новинарката Наташа Стојановска, поврзан со настаните од 27 април 2017 година.
Како што соопшти Судот, на 24 јули 2026 година до двете институции било испратено известување дека не е извршена Одлуката БЗСП.бр.8/2025, со која во септември 2025 година беше утврдена повреда на правото на слобода на јавно изразување на Стојановска и беа укинати две претходни судски пресуди.
Повод за реакцијата било известувањето од адвокатот Филип Медарски дека Основниот граѓански суд го отфрлил барањето за повторување на постапката, без да ја примени одлуката на Уставниот суд.
Според Уставниот суд, судијата се повикал на одредбите од Законот за парничната постапка, но не ги зел предвид уставно утврдените правни својства на одлуките на Уставниот суд – нивната конечност, извршност и општа задолжителност.
Од Судот посочуваат дека ова е прв случај во кој е применет новиот механизам за извршување на одлуките, предвиден со актот што стапи во сила во септември 2024 година. Воедно потсетуваат дека неизвршувањето на одлуките на Уставниот суд може да повлече и кривична одговорност, за што понатаму се надлежни Јавното обвинителство и судовите.
Предметот се однесува на новинарката Наташа Стојановска, која за време на насилниот упад во Собранието на 27 април 2017 година, како акредитиран новинар на „24 Вести“, била изложена на закани и била спречена да ја извршува својата професионална задача, без да добие соодветна заштита од надлежните институции.
Целото соопштение од Уставниот суд, прочитајте го на следниот ЛИНК.
