Уставниот суд се премисли за ретроактивноста на Законот, извршувањето долгови тера по старо, здруженијата незадоволни

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Дел од граѓанските здруженија негодуваат што Уставниот суд времено запре одредби од Законот за облигациони односи, со кои се регулира работата на извршителите. Според нив, сомнително е што уставните судии во јануари годинава не нашле ништо спорно во Законот, а сега се со спротивни гледишта.

„Јас сум лично збунета, ние сме збунети – како може истите судии да кажат за еден закон дека е уставен, а после шест месеци да го отворат повторно, да прифатат иницијатива на еден адвокат и еден граѓанин и да кажат дека не е уставен.“, рече Ана Глигорова.

Со законот се предвидува процесот на извршување на долгови да се скрати од десет на пет години и да важи и за сите отворени случаи. Од судот во јануари информираа дека нема повреда на начелото на ретроактивност, бидејќи законот се однесува на постапки кои не се завршени и кои се уште траат, но сега во јуни соопштија дека законодавецот не внимавал на забраната на повратно движење на законите, како и на уставната обврска за прилагодување на новиот закон, па така се создал хаос и правна несигурност.

„Тие самите кажаа, кај нешто што е почнато веќе, не можеме да зборуваме за ретроактивност.“, изјави Глигорова.

За истиот закон претходно во јануари иницијатива поднесоа повеќе големи компании и банки.

„Образложение даваат – се штитат неплаќачите на сметка на плаќачите. Не е точно. И ден денеска тврдам за 60 денари градски паркинг се плаќа 18 илјади. Кој се штити овдека? Шест илјади за адвокат, четири илјади нотар, две илјади извршител – 18 илјади стигнала сметката за 60 денари градски паркинг.“, изјави Марјан Ристески, претседател на КСОМ.

Од Уставниот суд неодамна известија дека во јануари не отвориле постапка за законот, но сега била направена подлабинска анализа, имале дополнителна аргументација и сега Судот веќе одлучувал во полн состав.