Уставните измени во неизвесност – Ковачевски: Ги прифативме сите услови на Мицкоски

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Иако вчера министерот за правда Кренар Лога најави дека на денешната владина седница ќе се разгледува предлог иницијативата за уставните амандмани по што би биле испратени во Собранието, премиерот Димитар Ковачевски негира, вели тоа ќе се случи кога службите ќе ја завршат својата работа и ќе бидат ставени на дневен ред. Ковачевски деновиве изјави дека очекува работните групи да се усогласат околу поддршката на уставните измени но такви сигнали не доаѓаат од ВМРО-ДПМНЕ, дури обвинуваат дека се можни притисоци врз пратеници за измените на Уставот. Ковачевски отфрла било каква можност за притисоци и  рече дека очекува сите услови кои биле договорени на лидерската средба да се почитуваат.

„Изрази желба да биде дел од Владата каде што од моја страна беше понудено да биде братски половина – половина министерски места бараше ДУИ да не биде дел од Владата и на прес конференција прифати со соопштение, па дури и Алијанса кажа дека нема да биде и Беса нема да биде, тоа значи дека му се ослободуваат на ВМРО-ДПМНЕ уште повеќе министерски места и заедно да ја донесеме одлуката да го довршиме процесот на уставни измени, процесот на скрининг да отвориме барем две поглавја, односно да затвориме две поглавја бидејќи мислам дека сме подготвени за такво нешто од првиот кластер Фундаменталс и потоа да може да се оди на избори“, вели Димитар Ковачевски.

Но се чини договорот од лидерската средба различно се толкува. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека власта не се произнела дали ги прифаќа предлозите на опозицијата односно уставните измени да имаат одложено дејство односно да важат кога Македонија ќе стане членка на Европската унија. Денеска и заменик координаторката на пратеничката група Дафина Стојановска вели дека не прифаќаат уставни измени под уцена.

„Ние повикавме на широко национално обединување не мислејќи тука само на етничките Македонци во оваа држава. Кога велиме широко национално обединување велиме обединување околу спас на државните интереси за Македонија. Ние само не сакаме да дозволиме антимакедонци од типот на Димитар Ковачевски го спроведат она што го ветиле а го ветиле без да имаат согласност, прво од македонскиот народ а после и од ВМРО-ДПМНЕ како најголема опозициска партија без која, како што гледате, не можат да се случат такви ветени и уценети уставни измени“, порача Дафина Стојановска.

Предлогот на иницијативата за уставните измени се уште се наоѓа во Влада, а се очекува во најскоро време да помина на владина седница по што треба да бидат доставени во Собранието со што треба да почне процедурата за измени на Уставот.