По одлуката на Уставните судии сами да си донесат член во Деловникот со кој треба да добиваат додатоци на плата до 35 проценти, Антикорупциска најави дека ќе го испита овој случај. Претседателката на комисија Билјана Ивановска истакна дека уставен основ за тоа не постои.
„Неодамна при крајот на месец октомври Уставниот суд го променил Деловникот земајќи одредби од законот за судовите додал тука уште една одредба со која што се дефинираат овие права. Но, факт е и дека во Уставот стои дека со Деловникот на Уставниот суд се уредува начинот и постапувањето на Уставниот суд што значи прашање е дали вакви одредби треба да бидат дел од тој Деловник“, истакна Билјана Ивановска.
Антикорупциска комисија утврди дека подготовката на планот Мал ринг кој бил склучен за еден денар по квадратен метар со фирмата за изработка планови Билд Урбан не и остава на Општина Центар ефикасен механизам за заштита доколку планот не е изготвен навремено и неквалитетно, изјави претседателката на комисијата Билјана Ивановска. Станува збор за изработка на план кој го опфаќа паркингот спроти Холидеј ин кој претходно бил изработен од истата фирма а не се применува поради неусогласеност со генералниот урбанистички план.
„Фактот дека планот се изработува по исклучително ниска цена го зголемува и ризикот од коруптивно однесување односно вклучување на зделки помеѓу планер и сопствениците на земјиштето кои се идни инвеститори. Градоначалникот на општината не постапил согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање со кое е предвидено обезбедување инклузивност партиципативност и јавност во процесот на урбанистичкото планирање“, додава Билјана Ивановска.
Антикорупционерите повторно посочија на праксата во институциите да се бираат ВД директори за кое не се објавуваат огласи, а еден директор по неколку пати е биран на истата позиција. Тоа носи ризик на политичко влијание, односно дека на овие позиции се назначуваат партиски кадри, а потоа и партиски реваншизми низ самата институција,истакна Ивановска.
Во отсуство на почитување на материјалните закони за избор на директори по пат на конкурс и обезбедување фер конкуренција се применува начин на работа кој со години се гради во нашето општество и остава простор за постоење на висок ризик од политичко влијание.
