Утре e „денот Д“ за оставки – Џафери: Министрите од ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат во составот на Владата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Предложените министри од редовите на ВМРО-ДПМНЕ сепак ќе се најдат во предлог составот на  техничката Влада. Претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека Владата ќе биде предложена согласно Уставот и законите.

„Па ако има предлози ќе бидат. Нема пречка да не бидат. Тоа е законот таков. Значи кој учествува во таа техничка Влада таков е законот нема никаква причина и пречка“, вели Талат Џафери.

А, утре се чини е денот Д за оставките. Откако премиерот Димитар Ковачевски ќе ја поднесе оставката Џафери ќе го извести претседателот Стево Пендаровски дека Владата е во оставка, а потоа и тој самиот ќе ја поднесе оставката. Од шефот на државата ќе го добие мандатот за состав на новата Влада, а составот на Владата Џафери ќе го поднесе во сабота. Гласањето за техничката Влада кое ќе биде во недела е последното нешто што ќе го направи Џафери во својство на пратеник, со што тој практично ќе гласа и за самиот себе.

„Договоривме од утре да настапат роковите за поднесување оставки и за отворање на пат за одржување на седница за констатирање на оставките, на престанокот значи на функциите на Владата и на претседателот на Собранието. Поднесување предлог програма и предлог состав на Владата на 27-ми до Собранието и со тоа се отвора пат да се свика нова седница за 28-ми на која што би се избрала техничката Влада“, порача Талат Џафери.

ВМРО-ДПМНЕ денеска излегува со имиња кои ќе бидат предлози за техничката Влада. Од партијата на Мицкоски велат дека не очекуваат Џафери уште на почеток да ги крши законите и да не ги стави во составот предлог кандидатите од опозицијата.

„Не очекувам од почеток да прекршува закони бидејќи ставот 2 од членот 3 од Законот за Влада на Република Македонија е многу дециден и јасен, тој вели дека мандатарот, тоа секако дека треба да биде Талат Џафери доставува до претседателот на државата предлог на техничка Влада со имиња на предлог министри на сите министерства. Така да не постои исклучок барем досега не е виден , навикнати сме на исклучоци од оваа гарнитура но еве да се надеваме дека нема да го започне мандатот како премиер со прекршување на Законот“, вели Дафина Стојановска.

Инаку, ова ќе биде третата по ред Техничка влада, според договорот од Пржино, а пред Џафери технички премиери беа Емил Димитриев и Оливер Спасовски.