Августовското полагање на државната, стручната и уметничката матура започнува утре, 12 август, а испитите ќе продолжат и на 14 август, со почеток во 09:00 часот.
Во овој рок за државната матура се пријавени 1.328 ученици, за стручната матура 126, додека за уметничката матура се пријавени шест кандидати.
Утре, 12 август, ќе се полага изборниот испит – математика или англиски јазик, додека на 14 август кандидатите ќе го полагаат испитот по мајчин јазик и литература.
Испитите ќе се одржат во Скопје, Тетово, Прилеп и Штип, на вкупно осум локации.
Меѓу кандидатите во августовскиот рок има и 226 матуранти чии испити во јуни беа откажани поради лажирање.
Инаку, на јунскиот рок, просечната оценка за завршено средно образование изнесуваше 3,66, додека просечната оценка за државната диплома за средно образование беше 3,62.
