Утре намалување на цените на пијалоците – Бектеши за маркетите: Имаа доволно време да ги сменат цените

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за економија Крешник Бектеши ги искара новинарите зошто не ги објавиле имињата на маркетите кои биле затворени од Државниот пазарен инспекторат иако тие и не се наведени од Инспекторатот. Вели дека мерката гарантирана цена е решение кое се применува и во многу земји од Европската унија и затоа треба целосно да бидат почитувани од сите маркети. Сепак, во  другите земји оваа мерка има подолг рок на примена, додека кај нас, предвидено е да важи само до 30 ноември односно нешто повеќе од еден месец, што нема да ги даде очекуваните ефекти. Бектеши најави и дека утре ќе се носи одлука за намалување на цените на пијалоците а се прави и анализа за хигиенските производи.

„Ние секоја недела имаме седница на Владата и претседателот на Владата согласно анализите што ние ги доставуваме заеднички одлучуваат  дали да направиме некоја измена во постоечките мерки во делот на зголемување на рокот или пак слично. Утре ќе има одлука за намалување на цените на пијалоците и безалкохолните и алкохолните пијалоци, за хигиенските производи најверојатно во текот на оваа недела ќе бидат завршени сите консултации“, вели Крешник Бектеши.

Деновиве од Пазарната инспекција беа затворени неколку маркети поради непочитување на мерката, за што Антони Пешев вели од Стопанската комора дека мерката со затворањето е драконска, а дека маркетите немале доволно време да ги сменат целосно во систем цените.

„Ќе пробаме проблемот да го сведеме на некакво логично време во кое ќе им се даде време на маркетите да се прилагодат на мерката. Мислам дека никој тоа не го направил намерно и не треба да се злоупотреби. Мислам дека мерката е драконска, непотребна, предизвикува штети“, вели Антони Пешев.

Најавата за одлуката не е направена во тек на една ноќ, претходно беа известени и време имаа доволно, врати министерот Бектеши.

„Имаа рок од речиси 10 дена да ги направат тие измени зашто јас сум имал состаноци директни и со големите ланци на супермаркети и со добавувачите и со производителите една недела пред да се донесе мерката на владина седница и утредента да бидат во функција“, порача Крешник Бектеши.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски вели дека затворањето на маркетите од 5 дена е доволна мерка

„Затворањето е 3 до 30 дена. Не е нашата цел да ги затвориме сите маркети во нашата држава, туку нашата цел е сериозно да си пристапат и да не оставаат простор, да си ги средат сите работи и да ги почитуваат одлуките, а доколку повторно увидиме нечесни трговски практики ќе ги затвораме и другите ланци. 5-дневно затворање е доволно за овие компании“, вели Горан Трајковски.

Според Трајковски во саботата биле извршени над 50 надзори од Инспекторатот. Во овие надзори беа затворени 5 големи ланци на маркети, а 7 добија казни во висина од околу 70 илјади евра.