Утре во 18:00 часот повторно ќе се одржи протест пред цементарницата УСЈЕ во Скопје. Иницијативата „Стоп Усје“ најави блокада на крстосницата на двата булевари пред фабриката, со цел да се крене гласот против загадувањето на воздухот. Еколошкиот активист Александар Тодески ги повикува граѓаните на масовно учество, велејќи дека тишината убива повеќе од загадениот воздух. Од оваа иницијатива тврдат дека меѓу најголемите загадувачи во главниот град е и цементарницата, која се наоѓа среде густо населено подрачје во Скопје.
„Секогаш кога закажуваме протест или кога се одржува протест, ‘Цементара УСЈЕ’ испраќа соопштение во кое вели дека не е загадувач и дека ние граѓаните го загадуваме воздухот. Нашиот одговор е дека знаеме дека повторно ќе го направат истото и прашуваме: кој што самиот си го мери квалитетот на воздухот би рекол за себе дека е загадувач?! А кој го загадува воздухот сите го знаеме и го чувствуваме. Ние не им веруваме на вашите мерења и затоа треба да се исполнат нашите барања. Она што можам да го кажам е дека со заеднички сили можеме да вршиме надзор над УСЈЕ и загадувањето што го предизвикува оваа цементарница.“, вели Александар Тодески.
Според А-интегрираната еколошка дозвола, честичките PM2.5 и PM10 често се над дозволениот праг, но според нив, компанијата тоа го негира и вината ја префрла на домаќинствата и автомобилите.
Од компанијата „Титан УСЈЕ“ преку соопштение наведуваат дека обвинувањата на оваа иницијатива се неосновани, без аргументи и пристрасни кон нивната компанија. Тие негираат дека се загадувачи на воздухот во Скопје.
„Компанијата ги применува најдобрите достапни практики во производството и користи технологија идентична со онаа на најдобрите компании во цементната индустрија во Европската Унија. Целосно ги разбираме загриженостите поврзани со квалитетот на воздухот во Скопје, но сметаме дека нападите врз нашата дејност, кои не се засноваат на аргументи и податоци, се неточни и пристрасни и во исто време не придонесуваат за изнаоѓање вистинско решение.“, велат од Титан Усје.
Од иницијативата велат дека државата не врши мерења на квалитетот на воздухот во оваа зона, туку ги презема податоците од оваа приватна компанија и ги прифаќа како веродостојни. Тодески изјави дека институционалните еколошки слабости им овозможиле на олигарсите да остварат профит од 30% во овој случај, на штета на виталното здравје на граѓаните. Нивното барање е мерната станица за воздух кај УСЈЕ, поставена од Општина Кисела Вода во 2023 година, да започне со континуирани мерења 24/7 и податоците да се објавуваат транспарентно.
Инаку, на почетокот на јануари месец, Државниот инспекторат за животна средина и Владата одржаа заедничка прес конференција на која рекоа дека ниту двете редовни и четирите вонредни и ненајавени контроли на цементарницата ТИТАН Усје од страна на надлежните државни и локални институции не утврдиле дека оваа постројка влијае на поголема загаденост на воздухот во Скопје.
