Утрово се измерени ниски минимални температури, при што најстудено било во Берово и на Попова Шапка со -1 степен. Нула степени се измерени во Крива Паланка, додека во Маврови Анови било 1 степен. Температура од 2 степени е регистрирана во Лазарополе и Крушево, 4 степени во Виница, а 5 степени во Битола и Претор.
Во Прилеп и Кавадарци утринската температура изнесувала 6 степени, додека 7 степени се измерени во Скопје – Зајчев Рид, Струмица, Велес, Штип и Охрид. Во Скопје – Петровец, Тетово и Куманово биле измерени 8 степени, а најтопло утрово било во Демир Капија и Гевгелија со 9 степени.
Во изминатите 24 часа најмногу врнежи се измерени на Попова Шапка, каде наврнале 4 литри на метар квадратен. Во Маврови Анови се измерени 3 литри, во Пожаране 2, а по 1 литар на метар квадратен во Скопје – Зајчев Рид, Струмица и Берово.
Снежна покривка утринава има само на Попова Шапка, каде е измерена висина од 66 сантиметри.
Според прогнозата, денеска времето ќе биде променливо облачно, претпладне со слаб локален дожд, додека попладне облачноста постепено ќе се намалува. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец, а максималната температура ќе се движи меѓу 11 и 16 степени.
Во Скопје ќе преовладува променливо облачно време. Претпладне во делови од котлината ќе има слаб дожд, а попладне се очекува намалување на облачноста. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец, а дневната температура ќе достигне до 15 степени.
