В четврток е закажана седница во Собранието за гласање на доверба на Влада.
„Претседателот на Собранието, г. Талат Џафери, согласно член 215 став 2 од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија, ќе ја свика седницата за поставеното барање за гласање за доверба на Влада, а истата ќе се одржи на третиот ден од денот на поставување на прашањето за доверба на Владата, односно во четврток (11.11.2021), во 11.00 часот, Според член 215 став 3 од Деловникот на Собранието, рокот за свикување на седница почнува да тече наредниот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба на Владата“, велат од Собранието.
Седницата следува откако 61 пратеник се потпишаа на иницијативата за гласање на доверба на Влада.
„Иницијативата е поддржана од ВМРО-ДМПНЕ и Коалицијата за обнова на Македонија, коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, политичката партија Беса, и политичката партија Левица – вкупно 61 пратеник е потпишан“, истакна Александар Николовски.
Инаку, во текот на вчерашниот ден претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски постави рок до денеска до 14:30 часот Заев да си поднесе оставка, во спротивно тие ќе поднесат интерпелација.
Мицкоски претходно објави дека заедно со Алијанса за Албанците, Алтернатива, Беса и Левица формирал ново парламентарно мнозинство.
