„Вечерва на стадионот „Драгао“ во Порто ќе биде одлучено сѐ – Македонија или Португалија ќе обезбеди пласман на Светското првенство во Катар. И на овој стадион се очекува жешка навивачка атмосфера, со оглед на тоа дека има капацитет од 50 илјади места, а продадени се сите билети. На стадионот нема да изостанат ниту навивачите од Македонија“, истакна репортерот на ТВ21.
Македонските репрезентативци синоќа се симнаа на зелената трева за да го „испитаат“ теренот на кој ќе ги измерат силите со Роналдо и неговите соиграчи. Светското првенство не може да се игра без Португалија, изјави Роналдо на прес-конференција.
„Македонија изненади на многу натпревари, но убеден сум дека утре нас нема да нè изненади. Португалија ќе победи и ќе одиме на Светско првенство. Нема Светско првенство без Португалија“, вели Кристијано Роналдо.
Но, селекторот Благоја Милевски вели дека Португалија не е само Роналдо, па затоа ќе се фокусираат на целиот противнички тим.
Португалија е моќна во напад со Кристијано Роналдо, Бруно Фернандес и Диего Јота, но во блокот на Македонија, на Александар Трајковски и Енис Барди на овој меч ќе им се придружи и Елиф Елмас. Македонија досега нема ниту едно учество на Светско првенство, но дали мразот ќе биде скршен, ќе дознаеме по вечерашниот дуел кој почнува во 20:45 часот.
