Вечерва се затвора филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ со македонска премиера на „Убиј ги прво децата“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Со македонската премиера на „Убиј ги прво децата“ на режисерот Димитар Оровчанец, вечерва се затвора 45. издание на Интернационалниот филмски фестивал на камера „Браќа Манаки“ во Битола. Светската премиера беше во август на Сараевскиот филмски фестивал.

 „Убиј ги прво децата“ е комична приказна за тинејџерка балерина, нејзиниот лудо вљубен дечко и неговиот налудничав најдобар другар со украден полициски пиштол кои се губат во најдлабоките лавиринти на скопското криминално подземје заради мобилен телефон што содржи компромитирачко видео. Главните улоги ги играат Миа Жиро, Мартин Ѓоргоски и Стефан Спасов. Играат и Aдриан Азири, Александар Ѓоргиески, Стефан Вујисиќ, Марко Трајковиќ, Атанас Тановски, Марина Поп Панкова.

„Ова е приказна која ги содржи сите мали животни вистини и ситуации кои потсвесно ги собирам од моите искуства со години, внимателно прикажувајќи вистински луѓе кои сум ги запознал или ги познавам добро. Тоа е филм каде навидум обичните поединци се фрлени во позиција каде што треба да се соочат со екстремни ситуации и како тоа открива неочекувани карактерни црти кај нив; модерна приказна но како од бајките, со шарени ликови и дијалози сместени на урбана позадина. Приказната ја истражува суровоста на човекот како сеприсутна, но колку и да се негативни многу од ликовите, тие сепак изобилуваат со црн хумор – некоја форма на хуманост, која е главната потпора на сè за што се работи во конечниот филм: бесмисленоста на злото, глупоста во агресијата, потребата од секогаш само малку повеќе љубов, убавината и лудилото на младоста“, вели Оровчанец, пренесува САКАМДАКАЖАМ.