Велика Британија ќе потпише договори со Србија, Северна Македонија и Косово за спречување на бандите на шверцери на мигранти, соопшти Владата во Лондон.
Целта на овие партнерства, од ист тип како она што Лондон го склучи со Албанија на крајот на 2022 година, е „да се зголеми размената на разузнавачки информации и да се пресретнат криминалните шверцерски банди“, се вели во соопштението на Даунинг стрит.
Во текот на 2023 година, речиси 100.000 мигранти поминале низ Западен Балкан, што го прави „важна рута што ја користат оние кои илегално завршуваат во ЕУ или Велика Британија“, се додава во соопштението.
Премиерот Кеир Стармер денеска е на самитот на Европската политичка заедница (ЕПЦ, 47 земји) во Унгарија, каде на дневен ред е и нерегуларната имиграција.
„На нашиот континент дејствува криминална империја, која предизвикува страшни човечки жртви и ја поткопува нашата национална безбедност. Велика Британија ќе биде во срцето на напорите да се стави крај на злото на организираниот имиграциски криминал, но тоа не може да го постигне некој сам“, рече тој во изјавата за најавените договори.
Околу 31.535 мигранти пристигнале илегално во Велика Британија од јануари, преминувајќи го Ла Манш со импровизирани чамци, повеќе отколку во цела 2023 година.
Најмалку 60 луѓе загинаа оваа година, што е најлошо од 2018 година, кога започна.
Кога Велика Британија ја напушти Европската унија, го загуби пристапот до базите на податоци, како што е „Еуродак“, кој содржи отпечатоци од прсти на баратели на азил и мигранти кои доаѓаат во ЕУ, и Шенген информацискиот систем (SIS) за бараните, исчезнатите или нелегално пристигнатите лица.
По неговиот избор во јули, Кир Стармер се откажа од контроверзниот план на претходните конзервативни влади за депортирање на барателите на азил кои нередовно пристигнале во ОК во Руанда.
Тој ја нагласува борбата против бандите шверцери и сака да ја зголеми соработката со европските земји за да се намали бројот на пристигнувања.
За време на Генералното собрание на Интерпол во понеделникот во Глазгов, Стармер увери дека неговите европски партнери сакаат поблиску да соработуваат во ова.
Тој рече дека шверцерските банди мора „да се сметаат за закана за глобалната безбедност споредлива со тероризмот“.