Случувањата во Судскиот совет се јасен пример за аномија, за непочитување на закон и немање морални норми и вредности. На овој начин поранешната врховна судијка Вера Коцо ги оцени превирањата откако деновиве на многу нејасен начин беше речено дека е разрешена претседателката на Судскиот совет Весна Дамева. Екс судијката Коцо ваквите оценки ги искажа во неделното интервју на Радио Слободна Европа во кое вели дека однесувањето на потпретседателот на Советот Селим Адеми кој го иницираше разрешувањето е недозволиво.
„Наједноставно ги повика присутните да гласаат за нејзино разрешување. Со кое право? Немаше такво право. Од причина што во Законот за судски совет не е предвидено разрешување на претседател на Судски Совет. Прво, немаше законска одредба во таа смисла, второ самата седница како што беше изведена беше сосема непристојна и надвор од сите законски решенија“, вели Вера Коцо.
Неофицијално се тврди дека откако требал да се стави на дневен ред одговорноста за судијата од Апелација Енвер Беџети, претходно веќе имало договор на неколкумина членови да се гласа за разрешување на Дамева и на тој начин да се спаси Беџети кој 9 месеци го држеше во фиока случајот Таргет Тврдија во кој обвинет е Сашо Мијалков. Според судијката Коцо пологичен исход од таа седница ќе било доколку бил разрешен судијата Беџети.
„Најверојатно, сега шпекулирам, било предмет дали да се стави на разгледување тој извештај или не и се поделиле членовите на Судски Совет на две страни. Едни биле за разгледување на тој извештај, други најверојатно не. И од тие причини се дојде до прекин на седницата и наеднаш се пристапи кон разрешување на претседателката што е нон сенс, што е сосема незаконски“, порача Вера Коцо.
Со реакција се јавија и од Демократскиот сојуз од каде бараат оставки од целиот Судски совет и ревизија на работата на сите судии и укинување на уставниот амандман со кој судиите се изземаат од кривична одговорност. Бараме членовите да си поднесат оставки не само поради случувањата во Советот туку и намерното застарување на голем број тешки судски предмети, сомнежи за корупција и целосна парализа на правниот систем, велат од Демократскиот сојуз.
