ВИДЕО: Американски сенатор со маратонски говор – зборува против Трамп повеќе од 20 часа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Американскиот демократски сенатор од Њу Џерси, Кори Букер повеќе од 19 часа држи говор во Сенатот, како знак на протест против политичките потези на претседателот Доналд Трамп и неговата администрација. Со овој маратонски говор Букер, кој е член на демократското раководство во Сенатот, сака да го привлече вниманието на она што тој го нарекува сериозна закана за темелите на американската демократија.

Говорот започна во понеделникот во 19 часот по локално време и продолжи без престан до вторник попладне, кога неговиот говор отиде во 20-тиот час. Тој најави дека ќе продолжи да зборува „се додека неговото тело му служи“, со цел, како што рече, „да предупреди на длабока политичка и социјална криза со нарушување на нормалната работа на Сенатот“.

„За само 71 ден, претседателот на Соединетите Држави направи толку голема штета на безбедноста на Американците: на финансиската стабилност; на основните темели на нашата демократија. Ова не се нормални времиња во Америка. И не треба така да се третираат во Сенатот на САД“, рече Букер.

Не смее да седне, да паузира или да оди во тоалет бидејќи ќе го изгуби правото да зборува

Во својот говор, тој ги осуди плановите за можни намалувања на предлозите за Medicaid, имиграцијата, социјалното осигурување и владините реформи кои произлегуваат од соработката меѓу администрацијата на Трамп и Илон Маск.

За време на говорот, Букер не смее да седне, да се одмори или да оди во тоалет – во спротивно би го изгубил правото да зборува. Единствен одмор даваат неговите колеги од Демократската партија кои му поставуваат прашања, со што технички ја продолжува расправата.

„Тука сум за луѓето. За оние чие здравје е загрозено, за работничката класа, за основните права. И нема да молчам“, рече Букер.

Сенаторот Крис Марфи од Конектикат беше покрај Букер цела ноќ, за што Букер рече дека е промена на улогата од 2016 година, кога Марфи го одржа својот повеќечасовен говор за контрола на оружјето.

Демократските сенатори се молеа со него

На говорот му се придружија и други демократски сенатори, а некои се молеа со него пред да започне. Сенаторката Лиза Блант Рочестер се молеше со Букер, барајќи „Бог да му даде зборови на љубов“.

„Тука сме да ја создадеме таа добра неволја за која зборуваше Џон Луис“, рече Букер, мислејќи на починатиот активист за граѓански права.

Неговиот говор станува еден од најдолгите во историјата на американскиот Сенат. Рекордот сè уште го држи Стром Турмонд, кој зборуваше 24 часа и 18 минути во 1957 година за да се обиде да го блокира Законот за граѓански права.