ВИДЕО: Детали од несреќата на обиколницата Радишани–Приштина–Мирковци! Уапсен возачот на камионот!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Тешка сообраќајна несреќа на скопската обиколница доцна синоќа заврши со четири жртви, откако камион со косовски регистарски таблички преминал на спротивната лента и се судрил со автомобил. По ударот, двете возила биле зафатени од пламен.

Несреќата, како што информираат од МВР, била пријавена околу 23 часот и се случила на обиколницата Радишани–Приштина–Мирковци.

Според првичните информации, 76-годишниот Б.Б. од Косово, управувајќи камион „МАН“ со полуприколка, изгубил контрола над возилото, ја пробил заштитната ограда и преминал во спротивната лента. Таму директно се судрил со автомобил „БМВ“ со скопски регистарски ознаки, управуван од 51-годишниот Р.В. од Скопје.

Од силниот судир избувнал пожар, при што автомобилот и кабината на камионот целосно изгореле.

На местото на несреќата животот го загубиле возачот на автомобилот Р.В., како и сопатниците А.В. (20) и П.М. (20) од Скопје. Загинало и уште едно лице, чиј идентитет сè уште не е потврден.

Екипа на Итната медицинска помош констатирала смрт кај четирите лица, а по наредба на јавен обвинител телата се предадени на обдукција.

Возачот на камионот е уапсен и се наоѓа во полициска станица, додека надлежните институции ја продолжуваат истрагата. Од полицијата соопштија дека по целосното расчистување на случајот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

Поради увидот на местото на несреќата, сообраќајот на овој дел од обиколницата бил во прекин повеќе од шест часа, а возилата биле пренасочувани по алтернативни патишта. Сообраќајот бил нормализиран утрово околу 5 часот.

Погледнете го видеото.