ВИДЕО: Голем пожар на танкер во Црно Море кај Сочи, спасени 23 членови на екипажот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Нафтен танкер во близина на руското црноморско крајбрежје бил погоден со поморски дрон, по што на бродот избувнал голем пожар, а густ црн чад се проширил над делови од рускиот туристички град Сочи, соопшти руското Министерство за транспорт.

Според информациите, танкерот пловел под либериско знаме и бил нападнат во Црното Море, при што дошло до истекување и палење на сурова нафта. Од руското Министерство за транспорт соопштиле дека „суровата нафта отворено гори во водите на Црното Море“.

Гаснењето на пожарот ќе започне откако ќе се намали неговиот интензитет и кога спасувачките пловила ќе можат безбедно да му се приближат на танкерот, соопшти Министерството.

Сите 23 членови на екипажот, кои се државјани на Индија, биле спасени.

На социјалните мрежи се појавија снимки и фотографии од Сочи на кои се гледаат големи портокалови пламени јазици на морето и густ облак црн чад кој се издига над хоризонтот. Локалните власти го ограничиле пристапот до крајбрежјето и плажите.

Засега нема реакција од Киев за нападот врз танкерот.

Во меѓувреме, Бугарија соопшти дека два комерцијални брода биле погодени со дронови во нејзината ексклузивна економска зона во Црното Море. Станува збор за прв ваков напад врз пловила во бугарската економска зона откако почна војната.

Бугарските власти истражуваат од каде потекнувале дроновите, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Русија за нападите. Бугарскиот премиер Румен Радев го осуди инцидентот, оценувајќи го како неприфатлив напад и очигледно кршење на меѓународното и поморското право.

Според Радев, бродовите биле нападнати со морски и воздушни дронови на околу 128 километри од бугарскиот брег.

Во раните утрински часови биле извршени и руски напади врз Киев. Градоначалникот на украинската престолнина Виталиј Кличко соопшти дека биле оштетени објекти и магацини, а според извештаите на агенциите, во нападите загинале најмалку две лица.

Одделен руски напад врз украинскиот град Днипро оштетил индустриски објект.

Нападите врз Украина се интензивираат со приближувањето на зимата, при што руските сили таргетираат енергетска инфраструктура, железнички и патни сообраќајни врски, како и мостови преку реката Днепар.