Околу 70 лица сѐ уште се заробени во оштетените вагони на возот кој излета од шините во источен Тајван во несреќата во која загинаа најмалку 36 лица, соопшти противпожарната служба.
Возот удри во камион што се лизна од патот што води кон блиското градилиште. Повеќе од 40 патници се повредени.
Ова е најголемата железничка трагедија на островот во последните четири децении.
Експресниот воз сообраќал помеѓу Тајпеј и Таитунг, а во него се превезувале голем број туристи и луѓе кои оделе кон своите домови пред почетокот на викендот.
Објавената снимка покажува сериозно оштетени вагони во тунелот додека спасувачите се обидуваат да стигнат до патниците.
Во возот имало околу 350 луѓе, велат пожарникарите.
Од првите четири вагони биле евакуирани меѓу 80 и 100 патници, а вагоните од петтиот до осмиот биле „деформирани“ и тешко е да се пристапи до нив, се наведува во соопштението на противпожарната служба.
Официјалната агенција на ЦНА наведува дека камионот „не бил правилно паркиран“ и се сомнева дека се лизнал на пругата.
