ВИДЕО: Трамп со проштален говор – „Движењето што го инициравме дури сега започнува“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Белата куќа објави проштална видео порака од американскиот претседател во заминување Доналд Трамп, кој го поминува последниот ден во оваа зграда во Вашингтон.

Тој најпрво се осврна на почетокот на неговиот мандат и ветувањето дека ќе ја направи Америка повторно голема.

„Горд сум на она што го постигнавме заедно. Ние го направивме она што сакавме да го направиме, но и многу повеќе“, рече Трамп на почетокот на својот проштален говор, објави Гардијан.

Иако станува збор за редок гест на добра волја кон неговиот наследник, Трамп не го спомена Бајден по име во видеото.

„Оваа недела инаугурираме нова администрација и се молиме за нејзиниот успех, да ја одржиме Америка безбедна и просперитетна“, рече тој, додавајќи: „Им посакуваме среќа“.

Трамп им се заблагодари на своите синови, ќерката Иванка и неговата сопруга, која од утре е поранешната прва дама.

„Исто така, сакам да му се заблагодарам на потпретседателот Мајк Пенс, неговата прекрасна сопруга Карен и целото семејство“, додаде тој.

Претседателот се осврна и на насилниот упад во Капитол, но повторно одби да прифати одговорност за поттикнување немири.

„Сите Американци беа згрозени од нападот врз нашиот Капитол. Политичкото насилство е напад врз сè што негуваме како Американци. Тоа никогаш не може да се толерира“, додаде Трамп.

На типичен начин Трамп, навести на својата политичка иднина.

„Сега кога се подготвувам да и ја предадам власта на новата администрација утре напладне, сакам да ви кажам дека движењето што го инициравме дури сега започнува“, додаде Трамп.

Меѓутоа, доколку Сенатот гласа за повлекување на Трамп во претстојниот процес, постои можност тој да биде забранет повторно да се кандидира.