ВИДЕО: „Вреди“ и ВМРО-ДПМНЕ блиску до договор за позицијата претседател на Собрание

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Според извори на ТВ21, ВМРО-ДПМНЕ и албанската опозициска коалиција „Вреди“ се блиску до договор за претседателското место во највисокиот орган на државата и носител на законодавната власт во Македонија.

Од свои извори, дознаваме дека најверојатно единаесеттиот состав на Собранието ќе добие претседател од коалициониот партнер на Христијан Мицкоски, на оваа тема се разговарало на последната средба одржана помеѓу работните групи на двете партии. Тоа беше и едно од главните барања на коалицијата „Вреди“, покрај останатите фунции во власта на сите нивоа.

Според извори на ТВ21, доколку коалицијата „Вреди“ го добие ова места, најсериозни кандидати за тоа место се Африм Гаши и Халил Снопче.

Дали го добиваат и МВР?

Панче Тошковски, министер за внатрешни работи

Дали и Министерството за внатрешни работи може да припадне на коалицијата Вреди, разговаравме синоќа со актуелниот министер Панче Тошковски, тој вели дека сите опции се отворени.

Новиот парламентарен состав по нов деловник

Инаку единаесеттиот парламентарен состав, ќе работи согласно донесените измени на новиот деловник. Таму е предвиден рок колку долго може да трае седницата за избор на претседател на Собранието, прашање кое не е уредено во постојниот. Измените се во членот 21, каде што во ставот 2 се предвидува: „За избор на претседател на Собранието да се води единствен претрес кој не може да трае повеќе од еден ден. Гласањето за избор на претседател на Собранието се врши по завршување на претресот, а најдоцна до 24:00 часот“

Токму поради оваа недореченост првиот избор на Талат Џафери доведе до една од најдраматичните ситуации во поновата историја на земјата. Откако по предвремените избори во 2016 година ВМРО-ДПМНЕ го загуби мнозинството во Парламентот, седницата за избор на претседател беше блокирана со месеци, а претходниот спикер Трајко Вељаноски, кој претседаваше со неа, ја водеше во недоглед. Кога пратениците од новото мнозинство решија да гласаат за нов претседател на Законодавниот дом на 27 април, се случи упадот во Собранието и „крвавиот четврток“.   

Целите за негово донесување се да се создадат правила за поефикасно фунционирање на Собранието и на работните тела во него, со прецизни деловнички одредби.