Македонија останува целосно посветена на европскиот пат и на исполнувањето на неопходните реформи и критериуми, истакна заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков, на дискусијата на Советот на општи работи на ЕУ во Брисел, каде, покрај за нашата земја, се разговараше за напредокот на полето на владеење на правото и во Албанија, Црна Гора и Србија.
„Во исто време, веруваме дека кредибилитетот на процесот на проширување најдобро се зајакнува кога секоја земја кандидат се оценува врз основа на сопствениот напредок и исполнувањето на заеднички договорените европски стандарди. Владеењето на правото не е само дел од преговарачкиот процес. Тоа е темел за создавање европска држава и за зголемување на довербата на граѓаните во институциите. Истовремено, свесни сме дека пред нас останува значајна работа и сериозни предизвици. Нашиот фокус во наредниот период ќе биде јасен: подобра имплементација, посилни институции и конкретни и одржливи резултати“, нагласи Трајков.
Во однос на продлабочувањето на реформите во оваа област, таа, меѓу другото, потенцираше дека во изминатиот период се направени значајни чекори во сите области опфатени со Извештајот за владеење на правото за нашата земја.
„Нашиот пристап е јасен – реформите не ги спроведуваме само заради исполнување на формални критериуми, туку пред сè заради нашите граѓани, со цел да обезбедиме стабилна, просперитетна и европска иднина. Во областа на правосудството, продолживме со спроведување на реформите насочени кон зајакнување на независноста, професионалноста и ефикасноста на судството и обвинителството. Во оваа насока, презедовме и законодавни и институционални чекори за унапредување на правосудниот систем и негово понатамошно усогласување со европските стандарди“, рече Трајков, додавајќи дека целта е натамошно јакнење на институционалните капацитети, човечките ресурси и условите за независно и ефикасно функционирање на правосудните институции.
За борбата против корупцијата, таа нагласи дека се продолжило во насока на зајакнување на превентивните и институционалните механизми, со фокус на транспарентноста, интегритетот и отчетноста на институциите, како и дека Новата Национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026–2030 е значаен чекор во оваа насока.
„Донесовме и унапредивме законски решенија со цел да се зајакне системот за превенција и борба против корупцијата и да се создадат поефикасни механизми за постапување во случаи на организиран криминал и корупција. Воедно, спроведуваме реформи во казнената политика со цел поефикасно откривање, процесуирање и санкционирање на овие кривични дела, во согласност со европските стандарди“, посочи Трајков.
Заменик-министерката за европски прашања се осврна и на пристапниот процес, оценувајќи дека тој треба да продолжи да се темели на јасни, објективни и предвидливи критериуми.
„Добрососедските односи и отворениот дијалог се суштински дел од европскиот проект и ние остануваме посветени на нивното унапредување. Сметаме дека отворените прашања најдобро се решаваат преку дијалог, взаемно почитување и европски дух. Веруваме дека токму таквиот пристап ја прави политиката на проширување посилна и покредибилна и испраќа јасна порака дека реформите, постигнатите резултати и исполнувањето на европските стандарди се основата на патот кон членството во Европската Унија“, заклучи Трајков на крајот од обраќањето на дискусијата на Советот на општи работи на ЕУ во Брисел.
