Вирозите ја наполнија педијатрија во Кичево – 100 прегледи дневно, 200 хоспитализирани за еден месец

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По 100 деца дневно доаѓаат на Педијатрија во Кичево во овој период на вирози, а за еден месец се хоспитализирани 200 деца на овој оддел каде работат само 3 педијатари во три смени. Шефот на Педијатрија во Кичево, Неџат Балажи вели дека овој бран е последица на падот на имунитетот кај децата по две години изолација од корона вирусот.

„Ова се случува бидејќи две години претходно децата беа изолирани за време на корона вирусот не одеа на училиште бидејќи имаше онлајн настава и малите деца беа изолирани, ние имавме малку прегледи во тој период но и матичните лекари а се работеше повеќе телефонски, сега ги фати неподготвени, со послаб имунитет и вирози, како ги фати повеќе децата и ние имавме повеќе работа, вели Неџат Балажи.

Пред две недели се направени по 100 прегледи на ден вели Балажи, а дневно се хоспитализирани по 15 деца.

„Кога имаше бран се хоспитализираа  од 10 до 15 деца на ден, а во текот на месецот имавме и 100 до 200 хоспитализирани, но сега бранот почна да опаѓа но се уште не сме безбедни бидејќи сега почна и школската година, не знаеме што може да се случи бидејќи децата ќе бидат во меѓусебен контакт а и градинките ќе работат“, додава Неџат Балажи.

Балажи вели дека имале и пациенти од Охрид, бидејќи таму Педијатрија е затворена бидејќи немаат педијатари и функционира само како дневен центар. Што се однесува до немањето персонал во Кичево, ситуацијата е иста. Кога бранот вирози го достигна врвот, работеа само двајца педијатари.

„За жал имаме само еден на специјализација, сега почна пред еден месец, ние овде на одделот сме 3 педијатари, јас и двајца лекари педијатари, додека за дежурства ни помага и лекарот Џабир Бајрами, специјалист педијатар кој во моментов е директор на Здравствен дом“, порача Неџат Балажи.

Балажи се надева дека Педијатрија во Кичево нема да ја снајде истата судбина како таа во Охрид. Инаку најчестите симптоми кај децата се кашлица, температура, бронхитис и пневмонија.