Владата и општините ќе седнат и ќе разговараат за да се најдат решенија за финансиските проблеми низ кои минуваат општините со сметките за струја. Претседателката на Заедницата на единиците на локалната самоуправа Данела Арсовска рече дека по 3 месеци без одговор, денеска добиле одговор за средба со Владата.
Проблеми има и општина Кисела Вода, рече градоначалникот Орце Георгиевски, но рече дека нема намера да се жали.
Новонастанатата состојба со поскапувањето на горивата предизвика проблеми во ЈП „Комунална хигиена“. Директорот на компанијата Зуди Кока рече дека компанијата ја затекнал во големи долгови и финансиски проблеми и дека новонастанатата состојба уште повеќе ќе се одрази на работата на компанијата.
„Очекуваме помош од Владата и таа мора да не сослуша бидејќи ние сме на услуга на граѓаните. Само едно можам да ви кажам, имаме од 500 до 600 тони отпад дневно и очигледно имаме големи трошоци, цените сега се високи. Она што е планирано за 2021 година, цените за 2022 година не се исти, затоа очекуваме помош од град Скопје, иако имаме голема поддршка од г-ѓа Арсовска, но и од Владата“, истакна Зуди Кока.
Меѓу општините кои се најпогодени од кризата се малите општини, каде постои ризик општинските објекти да останат без струја.
