Висококатници во Центар – Бочварски го демантира Богдановиќ за елаборатот за суспензија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Не смее да дојде до потпишување на дозволата за градба, и доколку инвеститорите за изградбата спроти ГТЦ ги платиле комуналиите, рече синоќа во Клик Плус, советничката во општина Центар, Јана Белчева – Андреевска, истакнувајќи дека времето е веќе кратко, само две недели.

Градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, тврди дека враќањето на парите не е спорно и дека не е доцна да се интервенира. Општината постапила со мораториум за неспроведување на планот, но со укинувањето од страна на Уставен суд, одземена ни е моќта, вели Богдановиќ, додавајќи дека решение сега може да се чека од Министерството за транспорт и врски.

Од кабинетот на Министерот за транспорт и врски, Благоја Бочварски, негираат.

„До овој момент до Министерството за транспорт и врски не е доставено елаборат за суспензија од страна на Општина Центар.“, велат од кабинетот на Бочварски.

Додека се чека некаква механизација за да интервенира, граѓаните, односно жителите кои живеат во близина на местото каде е предвидено да се гради, покренаа петиција која ќе ја испратат до Претседателот, Премиерот, Министерот за транспорт и врски, Градоначалникот на Скопје и на општина Центар.

Од друга страна, денеска од Институтот за комуникациски студии, соопштија дека група граѓански организации, универзитетски професори и архитекти до премиерот Зоран Заев испратиле јавен повик за поддршка на суспендирањето од Општина Центар во врска со овие градби.