Вицепремиерот Фетаи добил смртни закани, бара зголемени безбедносни мерки

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Од Кабинетот на потпретседателот на Владата за добро владеење, Арбен Фетаи, соопштуваат дека вчера во официјалниот мејл на Кабинетот била упатена смртна закана по животот на Фетаи.

Заканата била упатена преку анонимна електронска пошта и била поттикната од заложбата на Фетаи да се замени формулацијата во Уставот „јазикот што го зборуваат 20 отсто од граѓаните“ со албански јазик.

Пораката е насловена „Куршум во глава за тебе шипо Фетаи“.

Вицепремиерот Фетаи за случајот го известил лично министерот за внатрешни работи Панче Тошковски со барање што поскоро да се расчисти случајот и да се зголемат безбедносните мерки.

„Ќе побарам и зголемување на безбедноста, што се однесува до моето лично обезбедување од надлежните министерства. За пораката го известив и премиерот и ќе ги преземам сите неопходни мерки, вклучувајќи идентификација на заканувачот и тужба, бидејќи како што знаеме со нашите закони, такви постапки, такви закани, се казнуваат со од шест месеци до пет години затвор“, вели Фетаи.

Фетаи порача дека авторот на оваа закана ќе биде идентификуван и ќе добие заслужна казна, согласно законските одредби што се во сила, бидејќи, според него, преку такви закани не смее да се преминува, особено кога, како во овој случај, станува збор закана кон за вицепремиер.

„Ова го покажува нивото на нашето општество. Кога некој се осмелува директно да му се закани на вицепремиер, можеме да замислиме што може да се случи со функционери на пониско ниво или со обичните граѓани. Затоа, овој кукавички пристап на фрустрирани луѓе со екстремистички тенденции треба да се казни и да се испрати порака дека ваквите работи не се толерираат во рамките на нашето владеење и не смеат да се толерираат од страна на државните органи“, додаде Фетаи.