По објавениот прилог на ТВ21 со наслов „Акција 21“ на Владата – марихуаната приоритет, но не и здравството и образованието? реакција испратија од Владата на Република Северна Македонија и истата ја пренесуваме:
Во контекст на Вашето прашање во насловот на ТВ прилогот „Акција 21“ на Владата – марихуаната приоритет, но не и здравството и образованието?“, сакаме да Ве информираме дека и здравството и образованието се приоритети на Владата и на иницијативата „Акција 21 – европски стандарди дома”.
Во експозето на премиерот на Владата Зоран Заев на прес-конференција за сите медиуми и за целата јавност во земјата со посебно внимание се акцентирани здравството со активностите за конечно запирање на ширењето на КОВИД-19 и за санирање на штетите од оваа глобална криза, вклучително и за постапката за брза набавка на вакцината против коронавирусот, за образованието делот на актуелната реформа на основното образование.
Во „Акција 21 – европски стандарди дома“ најавуваме продолжување на политиките за вложување во стручните и другите човечки ресурси во здравството, како и во инвестициите во објекти и опрема за тоа да стане уште подобро и уште поефикасно.
Во однос на образованието премиерот Заев најави дека следува широка и сеопфатна јавна расправа со максимално учество на сите засегнати страни за вклучувањето на медиумската и дигитална писменост, на содржините за антикорупција, екологија, на часови по хигиена која се покажа како круцијална во борбата со КОВИД-19, и дека новите содржини не одат на сметка на постоечките. Учениците и натаму ќе учат историја, географија, хемија, биологија и сѐ друго што е неопходно за нивните знаења.
