Оставките на министерот за здравство Венко Филипче и неговиот заменик Илир Хасани се доставени до премиерот и се архивирани. Содржината на оставките не отстапува од она што веќе двајцата јавно го споделија, изјави на денешната прес-конференција владиниот портпарол Душко Арсовски.
Премиерот, рече Арсовски, веќе објасни дека проценката и одлуката по однос на поднесените оставки ќе ја базира, исклучиво на фактите од истрагата, согласно утврдените причини за избувнувањето на пожарот во модуларната болница во Тетово.
-Очекувањата се тоа да се случи во следниот период. Премиерот, исто така, апелираше за брза и темелна истрага, изјави Арсовски.
Германските експерти, посочи Арсовски, се очекува да пристигнат деновиве и ќе бидат дел од понатамошната истрага.
-Истражните органи се независни од извршната власт. Ние како Влада, ги очекуваме тие податоци и апелираме за што побрза истрага и расчистување на случајот, изјави Арсовски, одговарајќи на новинарско прашање до каде е истрагат на терен.
Прашан зошто е прекината градбата на три модуларни болници во Скопје, Арсовски, рече дека нема такви информации и ќе мора да ги провери.
-Она што е значајно е дека овие болници се безбедни и дека го зголемуваат капацитетот на инфективните одделенија. Тие беа и се уште се голема поддршка за здравствениот систем во ваква криза. Ваквиот систем на поддршка се применува низ целиот свет во услови на пандемија, изјави Арсовски.
