Каде е директорот и дали функционира Управата на борците и воените инвалиди?! Со документи во рацете, и со листа од 22 законски загарантирани права кои им следуваат, бранителите и воени инвалиди побараа Вадата да го разреши директорот.
Тврдат од септември лани до сега не е решено ниту едно нивно барање. Биле поднесени околу 50-тина.

„Нити знаеме кој е директор, сем што ги има неговите иницијали на страницата на Управата, нити знаеме дали воопшто фукционира. Директорот е во служба на бранителите, воените инвалиди и борците. Не е во служба на нешто друго. Номиниран, именуван е од Владата на Република Северна Македонија. Најголем апсурд е тоа што именуваниот директор е од политичката партија „Достоинство“, каде Стојанче Ангелов, претседателот е воен инвалид број еден и бранител од 2001 година“, вели Далибор Антовски.
Тврдат Комисијата која требало да решава по нивните барања уште во јануари, не се состанала. Управата на средината на април ги примила службените печати,а до тогаш не можела да функционира со службен потпис. А половина од подрачните единици немаат претставници. Велат ова не се случило од 2003 до сега – имало доцнења но максимум до еден месец.

„Јас не сум разочаран од Стојанче Ангелов, разочаран сум од неговото решение и неговото недолично однесување и непочитување на бранителите. Бидејќи Стојанче Ангелов е само дел од, едно зрнце од мозаикот што се вика бранители и воени инвалиди на Република Северна Македонија. Ако нему му е битно да има директорски места и плата директорска, он и неговите претставници, тоа нека биде на неговата чест“, додава Далибор Антовски.
Директорот Цикарски за ТВ 21 вели дека ја наследил Управата во многу лоша состојба. Недостасувале поголем број на вработени.
„За оваа состојба е запознат и министерот Фатмир Лимани, заменикот Ѓоко Велковски, како и државниот секретар Фатмир Сабриу. Од нив побарав во Управата со внатрешно прераспоредување да бидат доделени неколку стручни лица. А од нивна страна сум информиран дека се превземаат мерки и за вработување на нови лица“, вели Владо Цикарски.
Цикарски очекува следната недела да биде надминат проблемот и Комисиите да започнат со забрзана работа.
