Владата ги намали акцизите, нема поскапување на дериватите – проценките се дека овие мерки ќе го заштитат стандардот до крајот на април

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Владата на денешната седница ги активираше мерките со кои акцизата се намалува за четири денари за дизел и за два денара за литар бензин. Дополнително, денеска беше постигнат и договор со Рафинеријата ОКТА, односно со сопственикот на оваа фирма, грчки „Хеленик Петролеум“, до крајот на април да продолжи попустот што го дава за овие деривати. Со ова и со оставање на мерката за намалување на Данокот на додадена вредност од 18% на 10% за нафтените деривати, од утре се очекува да нема зголемување на цените на дериватите.

„Кога сето ова ќе се собере и кога сето ова ќе се изанализира, тогаш доаѓаме до цена која што за дизелот ќе биде иста како и досега, практично, доколку се вкалкулира попустот од четири денари за акциза и три денари кои што ги добиваме од ОКТА, така што седум денари потенцијално зголемување по литар ги амортизираме. Додека пак кај безоловниот 95 и 98 октани, покрај оние два денара акциза по литар, ќе имаме дополнително два денара по литар намалување, односно ќе бидеме во минус од цената која што беше во изминатиот регулиран период, односно изминатата недела.“, изјави Мицкоски.

Овие мерки ќе имаат директни буџетски импликации. Според премиерот Мицкоски, се разгледуваат сите можни опции околу тоа дали треба или не да се прошири буџетскиот дефицит, односно Македонија да има ново задолжување и раст на јавниот долг, за да може да се справи со кризата која настана поради нападот на САД и Израел врз Иран.

„Дали ќе го прошириме буџетскиот дефицит ќе зависи од тоа како оваа криза понатаму ќе се одвива и какви ќе бидат приходите во буџетот. Сега, од оваа перспектива, ако ме прашате, не планираме. Во првиот квартал од оваа година приходите се во рамките на планираните. Но, како ќе биде сега во вториот квартал, не знам. Треба да видиме како ќе се одвива кризата.“, рече Мицкоски.

Мицкоски вели дека Владата креира сценарија и врз основа на нив ќе дејствува доколку има потреба да се зголеми буџетскиот дефицит. Се разгледуваат сите можни опции каде би се задолжила државата. Дали тоа ќе биде кај странски банки, дали ќе биде кај домашни банки, дали ќе биде со договор држава со држава. Тој уверува дека наскоро Македонија ќе добие добри вести за кредитниот рејтинг, што ќе овозможи да се најдат пари по најповолни услови на пазарот.

Бидејќи се очекува и одложено дејство на кризата, поради големите штети на нафтената инфраструктура во заливот, се разгледуваат и дополнителни мерки, меѓу кои и замрзнување на маржите, иако тоа може да има други последици.

„Може да имаме такво сценарио, разгледуваме, не дека не разгледуваме, но ви реков, тоа ќе зависи од многу работи, глобални, не од нас“, изјави Мицкоски.

Потрошувачката на нафтени деривати деновиве достигна околу два милиони литри дневно, но во овој момент не се размислува за ограничување на точењето гориво за возила со странски регистарски таблички кои сочинуваат од 15 до 20 отсто од потрошувачката.