На денешната седница, Владата го усвои Предлог-буџетот за 2025 година. Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, истакна дека овој буџет ќе постави основи за стабилизација на јавните финансии и поттикнување на економскиот раст.
Според плановите, вкупните приходи за 2025 година ќе изнесуваат 358 милијарди денари, што претставува пораст од 13 проценти во споредба со буџетот за 2024 година. Во исто време, вкупните расходи се проектирани на 400 милијарди денари, што значи зголемување од 10 проценти во однос на претходната година.
Проекциите предвидуваат економски раст од 3,7 проценти, буџетски дефицит од 4 проценти и инфлација од 2,2 проценти.
Буџетот за 2025 година вклучува мерки за фискална консолидација и дисциплинирано управување со даночните средства, како и политики за стимулирање на економскиот раст.
– Создадовме буџет кој има за цел вистински развој на државата. Капиталните расходи се предвидени на ниво од 50,65 милијарди денари, што е зголемување од 13 проценти, или шест милијарди денари во споредба со ребалансот на буџетот. Овој раст е клучен за нашиот развој, особено затоа што износот на капиталните расходи надминува номиналниот износ на дефицитот, рече Димитриеска-Кочоска.
Таа додаде дека, и покрај потребата за штедење, Владата ќе дејствува внимателно за да им овозможи на институциите редовно да ги исполнуваат своите обврски и да обезбедат квалитетни услуги за граѓаните и бизнисите.