Владата на Тајван соопштува дека островот е независен ентитет, реагирајќи на изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој предупреди за можно прогласување независност што би можело да предизвика војна со Пекинг.
„Тајван е демократска, суверена и независна држава која не е под јурисдикција на Народна Република Кина“, се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи на Тајван, во кое се додава дека политиката на Вашингтон останува „непроменета“.
Во телевизиско интервју снимено непосредно пред неговото заминување од Пекинг, каде што кинескиот претседател Си Џинпинг даде особено остри изјави за островот, Доналд Трамп вчера го предупреди Тајван да не прогласува независност.
„Не сакам никој да прогласи независност, а потоа, знаете, да мораме да патуваме 15.000 километри за да одиме во војна“, изјави американскиот претседател за „Фокс њуз“, повикувајќи ги Тајпеј и Пекинг да „ги намалат тензиите“.
„Не сакаме некој да каже: ‘Да прогласиме независност бидејќи САД нè поддржуваат’“, додаде тој, нагласувајќи дека сè уште не донел одлука за продажба на американско оружје на островот.
„Во однос на продажбата на оружје меѓу Тајван и САД, тоа не е само обврска на САД за безбедноста на Тајван, утврдена со Законот за односи со Тајван, туку и форма на заедничко одвраќање од регионални закани“, соопшти Министерството за надворешни работи на Тајван.
Си Џинпинг во ретко остро предупредување до Доналд Трамп изјави: „Прашањето за Тајван е најважното во односите меѓу Кина и САД. Ако го менаџираме правилно, односите можат да останат главно стабилни. Ако го менаџираме погрешно, двете земји ќе се судрат.“
Кина го смета Тајван за една од своите провинции, која не успеала да ја реинтегрира во остатокот од територијата од крајот на кинеската граѓанска војна во 1949 година. Пекинг поддржува мирно решение, но го задржува правото да употреби сила.
