Владата најавува нови мерки, опозицијата реагира за цените на горивата и храната

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ВМРО-ДПМНЕ бара на итна седница во Собрание да се усвои предлог измената на нивните закони за ублажување на цените на нафтените деривати и основните прехранбени производи. Пратеникот Бојан Стојановски за нивните предлози побара поддршка и од парламентарното мнозинство.

Со предлог за ублажување на состојбата со цените излезе и АА. Халил Снопче истакна дека граѓаните иако се со ниски плати плаќаат највисоки цени за нафтените деривати во споредба со многу европски земји.


-Тие мерки се: намалување на ДДВ-то од 18 на 5%, намалување на акцизата за бензин од 22 на 15 денари и за дизел од 15,5 на 9 денари, како и намалување на трговската маржа и за складирање од операторите за трговија на мало со фиксна вредност од 3 денари, вели Снопче.

Од Движење Беса не дадоа предлог како да се излезе од кризата но тврдат дека антикризните мерки кои завршиле на полноќ “докажуваат дека владата се мачи да ја одржи државата на апарати“.


-Краткорочниот популизам ѝ нанесува голема штета на домашната економија и фактот што мерките не беа продолжени навремено и не беа предложени нови конкретни мерки за ублажување на економската криза, докажува дека државата е пред банкрот и дека буџетската каса е празна, велат од Движењето БЕСА.

Од Владата најавуваат дека со ребалансот на буџетот наскоро ќе има нови антикризни мерки.


-Во тој дух и по тој принцип Владата со новиот ребаланс на буџет, продолжува со силната грижа за граѓаните и во најкраток рок ќе излезе со антикризни мерки кои ќе бидат потаргетирани, како што всушност се и последните препораки на меѓународните финансиски институции – ММФ и Светска Банка, ЕУ и експертската јавност. Ова значи дека истите ќе бидат насочени кон ранливите категории на граѓани и стопанството, кон оние на кои им се најпотребни, велат од Владата.

Додаваат дека на чело на приоритетите на Владата останува грижата за стандардот на граѓаните, ликвидноста на компаниите и мерките за безбедност на економската стабилност и социјалниот мир.