Владата не гледа потреба да прогласи кризна состојба, по вчерашниот енормен скок на цените на горивата и ризикот од инфлација. И покрај апелите на експертите и бизнис заедницата дека треба веднаш да се реагира со мерки, премиерот Христијан Мицкоски вели во моментот не гледаме потреба од прогласување на кризна состојба. Според него и по вчерашната одлука на Регулаторна со која се покачи цената на дизелот за 14,5 денари и сега изнесува 1,39 евроценти за литар, сепак имаме најниски цени на дизелот и на другите горива во регионот.
–Во соседна Албанија е 1,79 евроценти литар, односно со околу триесетина проценти поскапо е, изјави претседателот на Влада, Христијан Мицкоски.
-Во Србија да речеме е 1,73 евроценти, што е отприлика некаде околу 25 проценти поскапо од тоа што е во Македонија. Во Косово варира цената, достигнува до 1,52-53 евроценти, што е некаде околу 15 проценти, во Грција е 1,59 евроценти. Односно Косово е отприлика 10 проценти, а Грција е 15 проценти. Во Бугарија е 1,41. Така што во регионот имаме како што кажавме граѓаните на Македонија имаат најниска цена, изјави претседателот на Влада, Христијан Мицкоски.
Кажа дека утре ќе се сретне со дистрибутерите и ланците на маркети и ќе побара од нив да не се користи ситуацијата за веднаш да се зголемат цените. Вели Комисијата за заштита на конкуренцијата и пазарните инспектори се на терен, а инфлацијата е стабилна-имаме најниска инфлација во регионот.
-Инфлацијата се спушти под 3 проценти односно е 2,9 проценти и е повторно најниска во регионот, би рекол една од најниските, ако се има предвид дека Грција е 3 проценти, Бугарија е 3,5 проценти, Косово во јануари за февруари нема податок е 5,8 проценти. Хрватска исто така отиде 3,8, Словачка е 4, Романија е девет кома нешто, изјави претседателот на Влада, Христијан Мицкоски.
Мицкоски очекува годинава инфлацијата да се движи меѓу 2 и 3 проценти и е задоволен од тоа што направиле за стабилизација на базичната инфлација.
„Ако ова што се случува во Заливот потрае и предизвика последици по човештвото и по светот, тогаш веќе тоа се работи коишто не зависат од нас“, вели премиерот.
