Пресметките на Владата покажале дека во понеделник цената на бензините треба да падне за околу 2 денари, а на дизелот или да остане иста или да се покачи за половина денар. Премиерот Мицкоски вели состојбата е стабилна и засега нема потреба од нови мерки.
„Врз основа на нашите пресметки очекуваме во понеделник да имаме околу 2 денара намалување на цената за бензините со 95 и 98 октани, имајќи го просекот од оваа недела од понеделник до петок и иста цена или можеби половина денар зголемување на дизелот, или иста цена“, рече Мицкоски.
Нема да има вонредна седница на Влада за нови мерки бидејќи според премиерот сегашната мерка со намалувањето на ДДВ-то за горивата од 18 на 10 проценти, која има рок од две недели дава позитивни ефекти.
„Ќе ја следиме сега оваа недела, од понеделник до петок како ќе биде, па ќе видиме дали има потреба кога ќе завршат овие две недели, да се продолжи мерката со намалено ДДВ за уште две недели. Дали можеби ќе воведеме нова мерка со акцизата, така што да сочекаме да видиме како ќе се движат овие вредности“, изјави Мицкоски.
Аналитичарите деновиве алармираа дека мерката е задоцнета и недоволна бидејќи проценките се дека потенцијалот на оваа криза врз инфлацијата може да биде три пати поголем од тој во 2022 година, кога инфлацијата во земјава се искачи и до околу 20 проценти. Побараа од Владата итно да се донесат мерки за заштита на најранливите категории граѓани и да се интервенира и со намалување на акцизата.
„Многу повеќе мерки од овие што до сега се направени. Бидејќи мое лично мислење е дека овој нафтен шок и оваа криза е многу посилна од онаа што беше во 2022 година“, изјави Таки Фити.
Не се знае дали граѓаните ја намалиле потрошувачката и штедат на горива. Но и покрај тоа што конзумот на бензинските станици е зголемен на 200.000 литри дневно, најмногу поради напливот од соседните земји, чии граѓани точат горива кај нас поради пониската цена, Мицкоски вели нема потреба од рестрикции, состојбата е стабилна.
