Владата: Од денес бесплатна вода за пиење за граѓаните на Гостивар, институциите продолжуваат со истрагата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Од Владата брифираат дека од првиот момент е во постојана координација со сите надлежни институции и внимателно ја следи состојбата со водоснабдувањето во Гостивар, каде изминатите денови повеќе од илјада граѓани побараа лекарска помош поради стомачни тегоби.

Како интервентна мерка, Владата донела одлука од денеска и во наредните неколку дена да обезбедува по 50.000 литри бесплатна вода за пиење дневно за жителите на Гостивар, со цел да се задоволат основните потреби на населението додека се спроведуваат препораките и мерките на надлежните институции.

Дистрибуцијата на водата ќе ја организира Службата за општи и заеднички работи на Владата, преку повеќе пунктови во градот, меѓу кои Водостопанство – Гостивар, градинката „Пролет“, Средното економско училиште, ЈП „Национални шуми“ – Подружница „Шар“, подружницата на АД ЕСМ кај гаражите, Општата болница „Ферид Мурад“ и Територијалната противпожарна единица.

Од Владата информираат дека надлежните институции продолжуваат со интензивни контроли, анализи и истражни дејствија за утврдување на причините за настанатата состојба.

„Очекуваме целосно расчистување на случајот, а секој за кого ќе биде утврдена одговорност ќе одговара согласно закон“, соопштуваат од Владата.

Воедно, се апелира граѓаните да ги почитуваат препораките на надлежните институции и информациите да ги следат исклучиво преку официјалните канали.

Од Владата нагласуваат дека нивен приоритет останува заштитата на здравјето на граѓаните, брзата институционална реакција и целосното надминување на состојбата, најавувајќи дека поддршката за Гостивар ќе продолжи сè до нормализирање на состојбата.