Владата потврди: Oд 1. декември пластичните кеси ќе чинат 15 денари

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Владата потврди дека од 1. декември цената на биоразградливите кеси во маркетите ќе чинат 15 денари, и дека тие пари ќе одат во посебен фонд на министерството за животна средина. Ова го потврдија премиерот Зоран Заев и министерот за животна средина Насер Нуредини денеска на прес-конференција.

Министерот Нуредини подвлече дека во однос на посебните фракции на отпадот, односно за справување со она со што граѓаните се соочуваат најмногу – пластичното пакување, предвидена е забрана за нивна употреба која ќе стапи на сила од први декември, а надоместок од 15 денари за биоразградливи кеси ќе мора да биде евидентиран и пренесен во посебен фонд на Министерството за животната средина и просторно планирање. Исто така од први декември за првпат се воведува и забрана за еднократна употреба на пластично пакување во заштитените подрачја.

Нуредини истакна дека покрај регулативата што неодамна е донесена, а тоа се Законот за управување со отпадот, Законот за управување со пакување и отпад од пакување, Законот за управување со дополнителни текови на отпад и Законот за проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад, мора да се создаде и регионалниот систем со базична инфраструктура доколку сакаме конечно разрешување на ова прашање.

„Како Министерство и Влада, скроивме план како да го поддржиме обезбедувањето на таа инфраструктура. Ние работиме на инвестициите во остварување на функционалноста на регионалниот систем за управување со отпадот преку центрите за развој, обезбедување на собирни места и места за селекција, изградба на стандардизирана инфраструктура со трансфер станици и регионални депонии, како и чистење и затворање на сите нестандардизирани односно диви депонии и ѓубришта. Ова е нашиот пат за современо и европско управување со отпадот и здрава животна средина, и го поканувам приватниот сектор и граѓаните, да бидат наши партнери во остварувањето на оваа заедничка цел”, порача министерот Нуредини.